Студентите кои имаат годишен билет за бесплатно користење јавен превоз имаат право до крајот на февруари да се возат во автобусите и со непродолжен/незаверен билет за тековнава година, соопшти Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“.
– ЈСП Скопје во случајов излезе во пресрет на барањето на Универзитетско студентско собрание при УКИМ, кое неодамна побара продолжување на рокот за продолжување на важноста на студентскиот билет, со оглед на актуелната ситуација со КОВИД-19, која, како што наведоа, на одредени факултети им предизвикува потешкотии при организација и распределба на документацијата потребна за продолжување на важноста на билетот, информира ЈСП.
Во случај на контрола додека го користат јавниот превоз, студентите имаат обврска да приложат „Скопска“ со која ќе докажат дека ги исполнуваат условите за користење годишен студентски билет, кој притоа не им е продолжен, но контролорите не смеат да им издадат записник/казна.
Но од 1 март, наведува ЈСП во соопштението, секој студент кој ги исполнува условите за овој тип билет, а не го заверил/продолжил, при контрола ќе добие казна доколку не поседува друг тип на билет, уредно валидиран.
Сообраќајното претпријатие потсетува дека право на користење на билетот имаат сите редовни студенти на додипломски студии на државните факултети во Скопје, без ограничување на возраста.
Важноста на билетот се продолжува секоја учебна/календарска година. На студентите кои првпат запишуваат прва година и го користат правото на билет за бесплатен превоз, билетот автоматски им важи и за наредната календарска година.
Останатите студенти ја продолжуваат важноста на билетот со потврда за редовен студент, не постара од еден месец и запишан зимски/летен семестар. Продолжувањето на важноста на билетот се врши во центрите за персонализација на ЈСП.
Годишниот студентски билет за бесплатно користење јавен превоз не важи во ноќна тарифа.