Традиционалниот фудбалски турнир „ГеГе куп“ почнува во вторник, 8 септември, во Ѓорче Петров. Првите натпревари се закажани за 18:20 часот, додека свеченото отворање ќе се одржи во 19:40 часот, информира градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

Во следните две недели Ѓорче Петров ќе биде во знакот на фудбалот, фер-плејот и натпреварувачкиот дух. Стојкоски посочи дека турнирот прераснува во традиција која од година во година се развива, ги обединува граѓаните и внесува сè повеќе спортска енергија во општината.

Свеченото отворање ќе се одржи на 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, а за посетителите се најавени посебна програма и спектакл.

„Особено ми е драго што токму на 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, заедно ќе го отвориме турнирот со програма и спектакл за публиката“, објави Стојкоски.

Генерален покровител на „ГеГе куп“ е Општина Ѓорче Петров. Градоначалникот нагласи дека спортот, маалскиот дух и традицијата заслужуваат силна поддршка.

„На сите екипи им посакувам многу среќа, добри натпревари и, пред сè, фер и коректна игра. Нека победи најдобриот“, порача Стојкоски.