Илјадници граѓани на улиците – бараат одговорност и промени

Белград денеска е центар на масовни протести, откако студентите повикаа на најголемиот митинг во последните месеци. Илјадници демонстранти се собраа во центарот на српската престолнина. Тие изразија  незадоволство од владејачките структури и барајќи одговорност за долгогодишната корупција и пропустите во управувањето.

(ВО ЖИВО) Започна најголемиот протест во поновата српска историја, народ го преплави Белград

Протестот започна во 16:00 часот, но голем број граѓани се собираа со часови однапред, носејќи транспаренти и скандирајќи пароли за правда, демократија и системски промени.

Трагедијата во Нови Сад – искра за масовно незадоволство

Повод за протестите беше несреќата на железничката станица во Нови Сад, во која загинаа 15 луѓе. Овој настан ја разгоре незадоволството поради корупцијата и недоволната контрола врз градежните проекти, што, според демонстрантите, доведе до катастрофални последици.

„Ова движење не смее да се злоупотребува! Нема да дозволиме напад врз институциите, но нема ни да молчиме!“ – порача една од говорничките, студентка која настапи пред насобраните на плоштадот Славија.

Студентите повикаа на мирен протест, но и на истрајност во борбата за подобро општество. Според нив, не станува збор само за студентски барања, туку за интересите на целото српско општество.

Зголемен притисок врз Владата – оставки, но не и промени

Под притисокот на протестите, премиерот Милош Вучевиќ поднесе оставка заедно со неколку високи функционери. Сепак, демонстрантите истакнуваат дека тоа не е доволно и дека борбата ќе продолжи сè додека не се исполнат конкретни барања за поголема транспарентност и одговорност на властите.

„Не газеа, но ние не се откажуваме! Ако продолжиме да молчиме, ќе загубиме уште повеќе!“, изјави еден од студентските лидери.

Во меѓувреме, поддржувачите на Владата поставија барикади во близина на Парламентот, што предизвика загриженост од можни судири. Иако ситуацијата е засега мирна, белградската полиција приведе 13 лица, а еден човек е уапсен под сомнение дека носел експлозивни направи.

Студентите немаат доверба во системот

Европската унија и Обединетите нации апелираа до српските власти да го почитуваат правото на мирни протести. Сепак, дел од медиумите блиски до Владата тврдат дека протестите имаат за цел да предизвикаат „државен удар“, додека независните медиуми известуваат дека демонстрациите се одраз на долготрајното незадоволство кај граѓаните.

Студентите истакнаа дека нема да се повлечат додека не добијат јасни гаранции за системски промени. Протестите се очекува да продолжат до вечерните часови, а ситуацијата останува неизвесна.

Извор: Миа