На утрешната седница Судскиот совет ќе расправа по извештајот од Комисијата на известители во врска со иницијативата за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, во интервју за „360 Степени“ изјави дека очекува да биде донесена правилна одлука.

„Станува збор за извештај во којшто Комисијата, изведувајќи ги сите докази врз основа на одржана јавна расправа, го констатира тоа во документот, но би сакала да напомнам дека согласно Законот за Судски совет донесен во 2019 година, Комисијата не дава предлог до Советот во смисла на лично мислење. Само ја констатира фактичката состојба врз основа на изведени докази, врз основа на расправа. На Советот в среда останува да расправа и да одлучи, врз основа на тоа, дали има сторено повреда и доколку има, која е повредата и каква ќе биде финалната одлука, тоа ќе почекаме“, изјави Дамева за „360 Степени“.

Во меѓувреме, медиумот Скопје1 повикувајќи се на сопствени извори вели дека Судски совет нема да ја разреши Беса Адеми и таа ќе доаѓа на седници.

Расправата во среда ќе биде отворена за јавноста и на седницата сите членови на Советот може да се изјаснат за извештајот од Комисијата, по што треба да се донесе одлука.