Според адвокатот Миле Петровски, јавниот обвинител на денешното рочиште не презел ништо во врска со предлагање нови докази или измена и допрецизорање на обвинението, и побара од судот, да дозволи да го видат записникот за да може, како што рече, поопстојно да одговорат во врска со завршниот збор, кој денеска практично бил проширен.
– Со оглед дека расправата беше претворена зошто судот кажа дека не може да донесе пресуда поради недостатоци, а денеска јавниот обвинител го промени тежиштето на тоа како според него, од каде и од кого е извршена тортура и изнесе друго мислење во врска со тоа кога и каде настанале пречекорување на овластувањата, добро е судот да ни го даде записникот за да може да дадеме поопстојно мислење, изјави Петровски.
Бранителот Петар Василев, посочи дека иако денешното рочиште требаше да биде дополнение на постапка, не слушнавме ниту еден нов доказ, ниту нешто ново во однос на околностите кои се релевантни на овој предмет, и дека слушнавме само мислење на обвинителот, кој според Василевски, повторно без поткрепа од докази ја изнесе својата теорија на случај.
Според Василев, обвинителот се обидел, осврнувајќи се на праксата на Европскиот суд и под превезот на европската конвенција да претстави пред јавноста дека и за многу помали работи предмети добиле исказ.
-Во оваа прилика, морам да напоменам дека случаите што ги споменува почитуваниот колега се во согласност со условите за поведување постапка пред ЕСПЧ, затоа тие апликации биле разгледувани и одлучени. Во конкретниот случај не се исполнети условите таква апликација да се поднесе бидејќи неспорно се утврди дека оштетениот во домашното правосудство и во домашната постапка не повел ништо во овој правец, во правец на тортура. Напротив, не дал забелешка на чинот кој е предмет на оваа постапка, а бил и во присуство на бранител, а и самиот бил поранешен министер за внатрешни работи. Европскиот суд бара, за апликацијата да биде основана да бидат исцрпни сите правни лекови и постапки во судовите во државната од каде потекнува, за подоцна да се поднесе апликација пред Европскиот сус, изјави Василев.
Застапникот на оштетениот Љубе Бошкоски, адвокат Константин Крстовалиев, рече дека врз основа на формално добиеното решение, според нив, наведува на заклучок дека судот нема дилема во однос на доказите изведени пред судот за лицата кои се обвинети како учесници во инкриминацијата и предизвикувачи на штетата, и дека основната дилема е колкав е придонесот врз основа на преземените дејствија на секој од обвинетите во однос на предизвиканата штета кај жртвата или со колкав интензитет секој од нив придонел.
-Сметаме дека овој сегмент на утврдување на ефектите на штетата и корелативниот однос на секој од обвинетите е во доменот не на вината, туку во доменот на висината од одредената казна, ако судот утврдил дека штетата е предизвикана. Разграничувањето на придонесот е во доменот на одмерување на казната што сметаме е основна задача на судот и од овие причини немаме што дополнително да истакнеме или приложиме бидејќи навлегуваме во ингеренциите на судот, изјави Крстовалиев.
Случајот за апсењето на Љубе Бошкоски, е вратен во фаза на дополнение на доказна постапка, откако судијката Александра Ристовска, која го води судењето за предметот „Тортура” на 17 јуни, не ја објави најавената пресудата за овој случај со образложение дека на судот не му било јасно кои дејствија ги презеле обвинетите и закажа ново рочиште.
Обвинителот Лапе, на денешното рочиште, рече дека околностите кои судот смета дека треба да се дообјаснат, за тоа кој од обвинетите кое дејствие го преземал, веќе се веќе јасни и утврдени.
– Сметам дека обвинетите се поединечно наведени и дека сите употребиле прекумерна физичка сила и го легнале пред камера, знаејќи дека се снима и со тоа заедно го сториле делото, изјави Лапе.
Во поглед на околноста, кој обвинет и кое дејствие со колкав интензитет го презел, обвинителот Лапе, рече дека тоа јасно се гледа од видео снимката, како и од исказот од тројца сведоци.
– Делото е сторено секако. Прашањето е само за одредување на видот и висината на казната. Со ова се дава одговор и на околноста за видот и употребената сила и закана. Вештачењето на институтот за судска медицина и вешти лица од областа на псохијатрија, поткрепени со искази на затворскиот доктор и психијатар, како и исказот на жртвата Љубе Бошковски се повеќе од доволни дека ваквиот начин на апсење со малтретирање, застрашување и понижување пред камера кај оштетениот предизвикале душевно страдање од висок степен, еднакво на смрт на близок член на семејство, изјави Лапе.
Случајот „Тортура”, во врска со приведувањето на Љубе Бошковски, на 4 јуни 2011 година, беше отворен од поранешното СЈО.
Првообвинет во овој случај е екс-директорот на УБК Сашо Мијалков и шест припадници на единицата ,,Алфи”.