По изборите ќе следи прочистување во судството и обвинителството

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека по изборите ќе следи прочистување во судско-обвинителскиот систем, со цел враќање на довербата во правосудните институции. Тој нагласи дека акцијата ќе биде спроведена веднаш по завршувањето на локалните избори и ќе опфати оние кои, како што рече, го нарушуваат угледот на системот и ја поткопуваат правдата.

„Да почекаме да завршат локалните избори и ќе видите какви чекори ќе преземеме. Со два проценти рејтинг треба да си заминат дома, а не да бараат повисоки плати и повисок буџет“, изјави Мицкоски по средбата со претставници на Стопанската комора на северо-западна Македонија.

Тој нагласи дека не сите во правосудниот систем се некомпетентни, но постојат „неколкумина измеќари“ кои, како што рече, го контаминираат целото обвинителство и судство.

„Кога јас би имал два проценти рејтинг би си заминал, нема да се занимавам со ова што се занимавам“, додаде премиерот.

Мицкоски веќе неколку пати досега најави решителни реформи и кадровски промени во правосудството, кои, според него, ќе почнат веднаш по завршувањето на локалните избори.