Во Тирана избија нови судири меѓу демонстрантите и полицијата за време на студентскиот протест организиран пред канцеларијата на премиерот на плоштадот Скендербег. Инцидентот започнал кога дел од учесниците почнале да фрлаат со камења кон полициските кордони, по што безбедносните сили употребиле солзавец со цел да ја растераат толпата.
Иако демонстрантите по интервенцијата накратко се повлекле, дел од нив набрзо се вратиле на плоштадот и продолжиле со напади, фрлајќи камења и запалени факели кон полицајците. Пријавено е дека има и приведени демонстранти, но полицијата засега не соопштува точна бројка на уапсени лица. Двете страни и понатаму остануваат распоредени на теренот.
Овие немири следуваат по протестите од саботата, кога исто така дојде до остар судир и беше предизвикана значителна материјална штета. Тогаш маскирани лица фрлаа молотови коктели, пиротехнички средства и камења, на што полицијата одговори со солзавец и водени топови. Беа фрлени шишиња со бензин врз објектите на Министерството за земјоделство и Општина Тирана при што избувнаа пожари на нивните влезови, а беше запален и киоск во близина на Банката на Албанија.
Во Албанија веќе тринаесетти ден по ред траат студентските протести. Иако започнаа како револт поради состојбите во високото образование, високите трошоци за студии и ограничените можности за вработување на младите генерации, собирите прераснаа во антивладини демонстрации со експлицитни барања за оставка на албанскиот премиер Еди Рама.
Поради серијата инциденти, албанскиот премиер Еди Рама претстави нов пакет мерки насочен против насилството и урбаната анархија. Меѓу предвидените решенија се санкции и парични казни кои достигнуваат до 5.500 евра за сите лица што ќе уништат или оштетат туѓ имот за време на јавни собири.
