Судот утврди вина за загадување и опасност по здравјето

Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда со која тројца обвинети се прогласени за виновни, откако признале дека незаконски собирале и складирале отпад, со што предизвикале пожар на поранешната депонија Вардариште. Според судот, тие создавале депонии спротивно на прописите, со што предизвикале опасност по здравјето на луѓето и загадување на земјата и воздухот.

Сите тројца добија максимална казна затвор од три години.

„Сите тројца се виновни затоа што создале депонија спротивно од прописите, со што предизвикале опасност по здравјето на луѓето и загадување на околината. Откупувале старо железо и други материјали на импровизирани пунктови без дозвола и без основано правно лице за таква дејност“, стои во пресудата.

Олеснителни и отежнителни околности

Во одлуката е наведено дека обвинетите се со семејства, невработени и неосудувани лица, што судот го ценел како олеснителна околност. Сепак, сериозноста на делото и влијанието врз животната средина биле оценети како отежнителни околности.

Пожарот го поттикна револтот на жителите

Пожарот на Вардариште беше директен повод за граѓански протести кои веќе 36 дена ги одржуваат жителите на општините Аеродром и Гази Баба, барајќи трајно решение за загадувањето и застарените отпадни депонии во Скопје.