Меѓународниот кривичен суд (МКС) со седиште во Хаг одговори на заканите на Русија, изразувајќи жалење за обидите на земјата да ги опструира „меѓународните напори за обезбедување одговорност“ за прекршување на меѓународното право.

„Претседателството на Собранието нагласува дека Судот, неговите избраници и неговиот персонал имаат силна поддршка од Собранието на државите членки на Римскиот статут“, се вели во соопштението. „Ја потврдуваме неговата целосна доверба во Судот како независна и непристрасна судска институција и ја повторуваме нашата силна посветеност да ги поддржуваме и браниме принципите и вредностите содржани во Римскиот статут и да го зачуваме неговиот интегритет без никакви закани“, се додава во соопштението.

 

Рускиот истражен комитет објави дека отвори кривична постапка против обвинителите и судиите на Меѓународниот кривичен суд (МКС) кои во петокот издадоа налог за апсење на претседателот Владимир Путин под обвинение за воени злосторства.

Комитетот, кој е одговорен за истрага на сериозни злосторства, рече дека нема основа за кривично да одговара рускиот претседател Путин и дека шефовите на државите уживаат апсолутен имунитет од странска јурисдикција.

Постапките на обвинителот на МКС покажуваат знаци на кривично дело според рускиот закон, рече Комитетот, истакнувајќи дека станува збор за свесно обвинување на невино лице за кривично дело и „подготвување напад врз претставник на странска држава, кој ужива меѓународна заштита, со цел да се комплицираат меѓународните односи“.

 

Потегот на Русија е симболичен гест на пркос како одговор на налогот за апсење на Путин, обвинувајќи го него и комесарот за правата на децата за воено злосторство за депортирање на деца од Украина во Русија.

 

Кремљ одлуката на МКС ја нарече срамна и правно неважечка, имајќи предвид дека Русија не е потписник на договорот со кој е основан МКС.