Судскиот совет е лут на министерот за правда и претседателот на Врховниот суд бидејќи не доаѓаат на седниците. Иако Лога и Адеми по функција се членови на Советот, тие мора да образложат зошто не учествуваат во неговата работа, сметаат во судски, пренесува Sitel.com.mk.
Министерот Лога пак вели дека не одел на седниците на судски заради низата превирања кои ја урнисале довербата на Советот. Како член кој нема право на глас и не може да расправа за избор или разрешување на судии, побарал Судски да го кани само на седници на кои нема такви точки на дневниот ред.
„Со оглед на тоа што во последниот период се случија низа нерегуларности во работењето на ова тело каде во голема мера се наруши кредибилитетот на неговите членови, а довербата на јавноста се сведе на најниско ниво, како и посетата на Оценската мисија на ЕУ која ја скенираше состојбата во Судскиот совет по низата скандали и превирања, одлучив да не присуствувам на седниците исто како тоа што го правеа и моите претходници“, вели министерот за правда, Кренар Лога.
Советот денеска го разгледуваше извештајот од посета на Кривичниот суд. Според анализата, во зградата која е симбол за судството, правдата се спроведува бавно. Се менувале судии, адвокати барале одложувања, а многу често, отсутни биле и обвинителите. Поради ова, странките и ретко седнувале во судица.
Најголемо внимание им привлекол случајот Ласкарци, кој се уште нема разрешница.
Се интересирале и за Даралвелски за кого се дозволи повторено судење, па предлагаат Врховниот суд да направи препорака како во иднина да се постапува со таквите предмети.
Празните столици на Лога и Адеми не се единствени во судски. Советот работи со еден член помалку откако штотуку избраниот Наке Георгиев си поднесе оставка за да може неговиот син да биде избран за судија.