Британскиот премиер Риши Сунак изјави денеска дека само владите можат да се справат со ризиците од вештачката интелигенција (ВИ), технологија која може да го олесни развојот на хемиско или биолошко оружје.
Говорејќи пред почетокот на глобалниот собир што го свика следната недела за да ги процени ризиците од технологијата, Сунак рече дека се надева оти учесниците ќе се договорат за природата на ризиците и ќе формираат глобален панел за да ги проценат. Велика Британија, рече Сунак, ќе основа Институт за безбедност на вештачка интелигенција за „да ги прегледа, оцени и тестира новите типови на вештачка интелигенција за да знае за што е способен секој нов модел“.
„Ако направиме грешка овде, вештачката интелигенција би можела да го олесни создавањето на хемиско или биолошко оружје, а во неверојатни, но екстремни случаи, постои ризик вештачката интелигенција целосно да биде надвор од човечка контрола“, предупреди Сунак.
Во паркот Блечли во јужна Англија, седиштето на британските експерти за дешифрирање на шифрирани пораки за време на Втората светска војна, на 1 и 2 ноември се одржува собир на претставници на компании за вештачка интелигенција, политички лидери и експерти.
Сунак рече дека Британија сака да биде глобален лидер во безбедноста на вештачката интелигенција. На состанокот била поканета и Кина, но засега нема потврда дека ќе испрати свој претставник.