Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, изјави дека преговорите за завршување на војната на Русија во Украина се фокусирани на безбедносни гаранции за Украина и на територија што Русија сака да ја контролира, вклучувајќи и украински подрачја што воопшто не се окупирани. Венс нагласи дека САД се обидуваат да посредуваат во мировен договор меѓу двете земји, објави „Блумберг“.

„Навистина има 2 големи прашања кои сè уште висат во воздухот и некако тоа е многу едноставно, а на некој начин многу сложено. Првин, Украина сака да знае дека Русија повторно нема да ја нападне. Сака да знае дека ќе има територијален интегритет и во иднина. Русите сакаат одредени делови од територијата, најголем дел од кои веќе ги окупирале, но некои сè уште не,“ изјави Венс во интервју за Лора Инграхам на „Фокс њуз“.

Претседателот Доналд Трамп во меѓувреме го засилува притисокот за завршување на војната што трае веќе четврта година. Минатата недела одржа самит на Алјаска со рускиот претседател Владимир Путин, а во понеделникот разговараше во Белата куќа со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со европски сојузници.

Венс оцени дека средба меѓу руските и украинските лидери би можела да помогне во придвижување на преговорите. „Токму таму е суштината на преговорите. Украинците сакаат безбедносни гаранции. Русите сакаат одредено количество територија,“ рече тој.

САД, според Венс, работат на организирање на таква билатерална средба, но време и место сè уште не се утврдени. Трамп изјави дека, доколку состанокот помине добро, ќе се разгледа и можноста за трилатерален самит со Путин и Зеленски.

Венс, кој повеќепати разговарал по телефон со Путин, го опиша рускиот лидер како „помалку гласен одошто би се очекувало“. „Американските медиуми имаат одредена слика за него. Тој е многу промислен. Многу внимателен,“ додаде Венс.