Сведокот Дика, во Кривичниот суд Скопје, рече дека поврзаноста со Меѓународниот сојуз е преку Бојан Јовановски, (првообвинет, претседател на Меѓународен сојуз).
– На свечената средба што се одржа во просторите на Музејот на современа уметност, за Меѓународен сојуз, беа присутни угледни лица. Присуствуваше народниот правобранител, имаше лица од министерствата за труд и социјална политика, за внатрешни, беше пратеникот Стефан Богоев. Бојан ми кажа дека седиштето на Меѓународен сојуз, ќе биде во близина на Кривичен суд Скопје. На второ Собрание се склучија договори со ,,Дрим билдинг” и ,,Пелистер”. Проектите беа прекрасни. Верував во тие проекти. Меѓународен сојуз тука беше за менаџирање со овие проекти, рече сведокот Дика.
Таа воедно истакна дека за износот на договорите разбрала подоцна, односно по некое време барала да поднесе оставка од функцијата претседател на Собранието на Меѓународен сојуз.
Потоа рече дека пред првото собрание на Меѓународен сојуз, таа и Бојан Јовановски оствариле средба со премиерот Зоран Заев, при што го презентирале Акцискиот план.
– Средбата не траеше многу. Бевме на прием и во МВР, кај Оливер Спасовски. Мислам дека Бојан, беше на прием и кај Мила Царовска. Така се зборуваше. Во МВР со Оливер Спасовски, се збореше за вмрежување на соработката на невладината Меѓународен сојуз Скопје и МВР, рече сведокот Дика.
За финансирање на ова невладина сведокот Дика, наведе дека требало да се финансират ад-хок фондови.