Интересот за вакцинација се намалува, делта сојот забрзано се шири, нов бран на епидемијата се приближува, а колективниот имунитет е далеку.
Со цел да се стави под контрола ширењето на коронавирусот, расте бројот на земји во Европа и светот кои воведуваат ограничувања за невакцинираните граѓани и бараат задолжително приложување на вакцинален сертификат за оние кои сакаат да имаат целосен пристап до јавните и угостителските услуги, и да присуствуваат во затворен јавен простор.
БАЛКАН:
Ноќните клубови, дискотеките, бузуки и слично во Грција, без оглед дали се на отворено или затворено, ќе примаат исклучиво вакцинирани гости или лица кои прележале Ковид-19, согласно новата министерска одлука, јави дописничката на МИА од Атина. За кафулињата и рестораните, мерката за вакцинирани гости се однесува само на внатрешните делови, додека пак за ноќните клубови важи и за отворен и за затворен простор. Ова, како што пренесува МИА, во пракса значи дека за забавување во ноќен клуб во Грција, дури и да е летен клубот, потребен е или сертификат за вакцинација или потврда за прележан Ковид-19, а оваа мерка за грчкиот ноќен живот важи и за туристите. При влезот ќе се врши проверка на сертификатите преку специјалната апликација „Covid free GR“, заедно со документ за лична идентификација, а државјаните од трети земји, односно туристите, исто така ќе треба да го покажат нивниот сертификат.
Вакцинацијата во Грција ќе биде задолжителна за здравствените работници и вработените во центрите за грижа на лица, а за оние кои ќе одбијат да се вакцинираат, а работат во приватните центри, предвиден е принуден неплатен одмор.
Можноста за поставување центри за вакцинација во универзитетските кампуси за имунизација на студентите со почетокот на академската година, ја разгледува грчката Влада.
Болниците во Србија почнаа да воведуваат правило според кое здравствените работници кои не биле вакцинирани или не се заразиле со коронавирусот, мора да донесат негативен ПЦР-тест при враќањето од одмор, што ќе го платат сами, пишува Политика. Весникот наведува дека мерката ќе важи до септември, затоа што здравствените власти стравуваат дека некој може да го донесе вирусот во болница по враќањето од странство. Освен оние кои биле вакцинирани и оние кои го прележале вирусот, од оваа мерка се исклучени и лекарите на кои не им е дозволено вакцинирање поради комплицирана здравствена состојба или ја примиле првата доза. Здравствените работници кои ќе ја игнорираат таа мерка ќе мора да одат на дисциплинска комисија, како и дека може да сносат кривична одговорност доколку заразат пациент.
Според националната стратегија, целото население во Албанија треба да биде вакцинирано до пролет следната година. За да се постигне целосна имунизација, предвидена е вакцинација на 2,2 милиони луѓе, за кои се потребни 4,4 милиони дози вакцини. Од 14 јули почнаа да функционираат мобилни екипи кои ги посетуваат жителите во руралните средини, како и по домови за изнемоштени, стари и лица со попреченост.
На патниците кои ќе влегуваат во Словенија од 15 јули до 23 јули, без оглед од каде доаѓаат, ќе им треба негативен тест за коронавирус, потврда за вакцинација или прележан Ковид-19 во последните шест месеци. Поради бројните протести, словенечката Влада донесе одлука за исклучоци – патници во транзит и возачи во меѓународен товарен транспорт.
Преку „Планот спонзорирани летни одмори“ надлежното Министерство за туризам на Кипар им нуди попуст за летување на граѓаните, под услов да се вакцинирани, односно да имаат примено барем една доза или да прележале Ковид-19 во последните 180 дена, јави дописничката на МИА од Атина. Согласно програмата, во која учествуваат околу 220 хотели и туристички објекти, лицата кои ги исполнуваат условите можат, во периодот од 15 јули до 31 август 2021 година да добијат 35 отсто попуст, а цените се до 80 евра дневно за двокреветна соба со појадок и неопходно е да останат најмалку три вечери.
На пет различни локации, во веќе постоечките центри за вакцинација, Кипар воведува имунизација без закажан термин, односно „walk-in” центри, кои ќе бидат само за вакцинација со прва доза, а не и за ревакцинација и засега имунизацијата ќе се врши само со Фајзер.
Епидемиологот и член на хрватскиот владин научен совет Бранко Колариќ смета дека луѓето кои имаат ковид сертификат и доаѓаат од „црвената зона“ треба да бидат контролирани на некој друг начин. Според него, треба да се стави крај на масовните собири во Хрватска за оваа сезона и дека вакцинацијата е нешто што ќе ја реши оваа епидемија. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ нагласи дека вакцинацијата во државата нема да биде задолжителна.
ЕВРОПА:
Францускиот претседател Емануел Макрон, во радио-телевизиско обраќање до нацијата, соопшти дека вакцинацијата за негувателите и медицинскиот персонал ќе биде задолжителна, а најави и воведување други мерки за борба против епидемијата, јави дописникот на МИА од Париз. Тој истакна дека Франција се соочува со „силно обновување на епидемијата што ги зафаќа сите територии“, објаснувајќи дека „појавата на делта сојот резултира со зголемување на инфекциите во светот“. Макрон смета дека треба да се постави прашањето за задолжителна вакцинација за целото население, и ги повика сите Французи да се вакцинираат што е можно поскоро. Шефот на француската држава потенцира дека од почетокот на август, здравствениот пасош ќе важи за кафулињата, рестораните, трговските центри, болниците, домовите за пензионери, но и во авионите, возовите и автобусите за долги патувања. Притоа, појасни дека „само вакцинираните и тестираните кои се негативни ќе можат да пристапат до овие места без оглед дали се клиенти, корисници или вработени”.
По најавите во Франција дека вакцинацијата ќе биде задолжителна за здравствените работници, во Белгија засега таква мерка не се планира, но не се исклучува целосно, јавува дописничката на МИА од Брисел. Властите се охрабрени и од фактот што се зголемува поддршката на здравствените работници за вакцинација, па така во делови од земјата се постигнува речиси 80 отсто покриеност во овие професии.
Владата на Летонија одлучи да ја направи вакцинацијата против Ковид-19 задолжителна за вработените во образованието и здравствените установи, јави ДПА. Од октомври, вработените во медицински, јавни и образовни институции ќе треба да покажат потврда за вакцинација против Ковид-19. Во другите сектори, работодавците ќе имаат право да отпуштаат невакцинирани работници од 1 октомври, според новите правила донесени од Владата во Рига. Мерките мора да бидат одобрени од Парламентот за да стапат на сила.
Власта во Словачка донесе одлука од понеделник, 19 јули, во земјата да влезат лица кои се целосно вакцинирани без да бидат ставени во карантин. Оние кои ја примиле втората доза на вакцина во периодот од две недели пред да влезат во Словачка, исто така, ќе се сметаат за целосно вакцинирани. Новата мерка ќе ги опфати и луѓето кои заболеле од Ковид-19 а потоа биле вакцинирани со првата доза на лекот најмалку 14 дена пред да влезат во државата. Останатите граѓани ќе мора да поминат низ домашна самоизолација.
Властите во Шпанија во дел од регионите повторно го враќаат полицискиот час, како и ограничувањата за собири и ноќниот живот, за да се спречи драстичниот пораст на бројот на новозаболени од коронавирусот, додека делта варијантата се пренесува меѓу невакцинирани млади луѓе во државата.
Министерството за социјални работи на Австрија разгледува стратегии за да ги убеди Австријците да се вакцинираат против коронавирусот што е можно помасовно поради ширењето на делта мутацијата. Еден од предлозите е вакцинирање и на гробишта под мотото „имунизација наместо да се лежи на ова место“. Идејата е да се вакцинира и во музеите, со бесплатен влез за граѓаните кои сакаат да се имунизираат, како и да се отвори „драјв-тру“ за возачи на скутери и велосипедистите.
Холандија повторно воведе ограничувања во ноќните клубови, рестораните и музичките фестивали само неколку недели откако беа укинати. Мерките ќе останат во сила најрано до 14 август.
Малта соопшти дека ќе забрани влез за сите невакцинирани посетители на островот, изјави министерот за здравство Крис Ферн. Негативен тест за коронавирус веќе нема да биде доволен за да се премине границата на овој мал медитерански остров.
СВЕТ:
Канада може да ги отвори границите за сите вакцинирани посетители од почетокот на септември и најверојатно ќе може да прима вакцинирани граѓани на САД од средината на август. Тоа е соопштено од кабинетот на премиерот Џастин Трудо.
Заштитните маски се враќаат во Лос Анџелес, каде здравствените работници се борат со алармантно зголемување на бројот на луѓе кои страдаат од многу заразната делта мутација на коронавирусот. Одделот за јавно здравје на округот Лос Анџелес побара носење маски во затворени јавни простории и фирми, без оглед на тоа дали граѓаните се вакцинирани или не.
Австралиските власти го продолжија локдаунот во Сиднеј за уште најмалку 14 дена, бидејќи ниту три недели по воведувањето на првичните ограничувања, не е спречено најсериозното ширење на коронавирусот годинава во тој град. Премиерката на Нов Јужен Велс, Гледис Береџиклијан, најави дека ограничувањата ќе останат во сила најмалку до 30 јули.
На невакцинираните жители во некои делови на Кина ќе им биде забранет пристап до јавни услуги, вклучително и болници, училишта и домови за стари и изнемоштени лица. Земјата има за цел да ја зголеми стапката на вакцинација против коронавирус на најмалку 80 проценти. Во текот на изминатата недела, десетици влади во најмалку осум кинески провинции издадоа известувања со кои ги предупредуваат граѓаните дека имаат рок за вакцинација до крајот на јули или почетокот на август, по што ќе се соочат со бројни ограничувања во нивниот секојдневен живот.
Невакцинираните луѓе не претставуваат само ризик за нивното здравје, тие претставуваат ризик за сите доколку се заразат со коронавирусот, сметаат експерти за заразни болести, според кои „колку повеќе има невакцинирани луѓе, толку се поголеми шансите вирусот да се размножи“.