Македонија пред совршена економска бура. Стопанството го демне ризик од стагфлација, односно намалување на производството при зголемување на цените – наведува Светската Банка во најновиот извештај.
Во него е намалена проекцијата за економски раст на земјава. Се очекува годинава да достигне 2.1%, а во следните две 2.7 односно 2.9%. Ова значи дека на домашното стопанство ќе му треба уште многу време да се врати на нивоата од пред пандемијата.
„Војната во Украина и енергетската криза ги намалуваат изгледите за раст, инфлацијата ги достигнува историски највисоките нивоа и ги поткопува реалните приходи на сиромашните. Со ограничен простор за задолжување и покачен јавен долг… фискалните политики мора да ги таргетираат најранливите“ наведува Светска Банка во делот од извештајот посветен на Македонија.
Меѓународната финансиска институција проектира дека инфлацијата годинава ќе достигне 12.1%, а во следните две ќе почне да се намалува и ќе биде 6.1 односно 3.0%. Економистите од Светска Банка сметаат и дека таа не е резултат само на надворешни влијание туку и на домашни фактори, како зголемената минимална плата на почетокот од годинава.
„Земјата мора да започне со реализација на реформските ветувања кои би можеле да го зајакнат потенцијалот за раст на среден рок. Политичките напори треба да бидат насочени кон враќање на фискалната и финансиската одржливост“ пишува во извештајот на Светска Банка.
Македонија има ограничен простор за натамошни задолжувања, а последните шокови дополнително ја влошија фискалната одржливост, стои во извештајот во кој е наведено дека јавниот долг годинава ќе биде 59.4% од БДП, а во следните две ќе продолжи да расте и ќе достигне 59.9 односно 61.4%.