Светскиот ден на слободата на медиумите се слави секоја година на 3 мај. Целта на одбележувањето е да се промовира принципот на слобода на медиумите, да се истакне важноста на заштитата на медиумските слободи и борбата против сите форми на влијание врз медиумите, како и да се потсетиме на медиумските работници кои ги загубија животите при вршење на својата работа.
Светскиот ден на слободата на медиумите се одбележува од 1993 година, врз основа на одлука на Генералното собрание на Обединетите нации истата година и по препорака на Генералното собрание на УНЕСКО од 1991 година.
Како ден за одбележување е Годишнината од усвојувањето на Декларацијата Виндхоек за промовирање на независно и плуралистичко африканско новинарство од 1991 година, донесена од африканските новинари во градот Виндхоек, Намибија.
На 3 мај се доделува и годишната награда на УНЕСКО Гиљермо Кано за слобода на медиумите. Наградата, која се доделува од 1997 година, му оддава почит на некое лице, организација или институција за придонес во одбраната и / или промовирање на слободата на медиумите, особено кога се прави во случај на голема опасност.