Со овој проект вкупно ќе бидат опфатени околу 2300 ученици во деветто одделение од основните училишта на поширокото тетовско-гостиварско подрачје, кои следат настава на македонски, албански и турски јазик.

-На посебни часови, стручно обучени полициски службеници поблиску ги запознаваат учениците со нивните права, но и со обврските кон самите себе, семејствата и општеството, како и со законските импликации доколку се инволвираат во малолетничка деликвенција или други форми на девијантно и асоцијално однесување. На часовите, исто така, учениците интерактивно се интересираат, прашуваат и добиваат конкретни одговори околу темата и за други теми и прашања од безбедносна природа и карактер, информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Јосифоски посочува дека целта на проектот е највозрасните основци непосредно да бидат информирани за нивните права и општествени, односно законски определени обврски, но и за ризиците кои ги носат разните пороци и прекршувања на законската регулатива.