Министерот Спасовски забележа дека има подобрувања во сите параметри на работењето и во делот на намалувањето на кривичните дела и откривачката дејност и какошто рече тој ова треба да биде само мотив повеќе да целиот овој регион го направивме уште побезбеден. Објектот на Полициската станица на ОВР-Пробиштип е реконструиран и е дел од 66 објекти во земјава, кои се реновирани по сите стандарди со енергетска ефикасност и со материјали коишто значат и заштита на животната средина.

– Практично, работиме за подобрување на условите за работа на македонската полиција, за условите за остварувањето на правата на граѓаните, притоа ги остваруваме целите на Владата – заштитата на животната средина и енергетската ефикасност заради тоа што на таков начин практично допринесуваме за обезбедување и на дополнителни финансиски средства за потребите на македонската полиција, вели Спасовски.

Посочи дека во рамките на СВР-Штип реконструирани се уште два објекти и тоа Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај во Штип и Полициската канцеларија во Македонска Каменица.

-Исто така објекти реконструирани после многу години со енергетска ефикасност, со греење кое што значи заштита на животната средина. Одвоивме некаде вкупно околу 18 милиони денари за сите три објекти. За ОВР Пробиштип се околу четири милиони, за Полициската станица за патен сообраќај Штип околу 10 милиони и близу три милиони за Македонска Каменица од буџетот на МВР. Секако дека и сами можете да видите кровните конструкции, термофасада, промена на столарија целосна и изработка на подови, санитарни јазли, подобрување на греење или менување на системот за греење таму каде што било на некаков друг начин, тоа и во МПС – Штип и во Македонска Каменица, вели Спасовски.

Најави дека Министерството за внатрешни работи ќе продолжи и понатаму со вакви активности во коишто, какошто рече навистина ќе се создадат добри услови и мотивација за македонските полициски службеници и подобрување на условите за работа, остварување на правата на граѓаните.

-Разговаравме со колегите од ОВР и за други потреби коишто ги имаат, за јакнењето на човечките потенцијали и ресурси како основа за полициското работење, како и за материјално-техничките средства. Разговаравме за идните планови и чекори коишто ќе ги преземеме како раководство на македонската полиција и што е тоа што ќе го направиме за подобрувањето на активностите, додаде Спасовски.

Тој се заблагодари и на градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов којшто помогна во реализацијата и на овој проект.