Светот ја заврши 2021 година со 29.326.993 активни случаи на коронавирусот, 5.452.999 починати, 253.689.769 оздравени и вкупно 288.469.761 заболени од почетокот на пандемијата.

Заклучно со 31 декември, во Македонија регистрирани беа 225.049 заболени лица од коронавирусот, починати 7.960 лица, а активни 5.243 случаи.

Од СЗО досега се одобрени десет вакцини, додека ЕУ одобри пет – Фајзер, Модерна, Астра Зенека, Џонсон и Џонсон и Новавакс. Во светот дадени се девет милијарди дози, но само 8,3 отсто од населението во земјите со ниски приходи е вакцинирано со најмалку една доза.

Во 2021 година, Светската здравствена организација не ја исполни својата цел да вакцинира 40 отсто од населението во секоја земја до крајот на годината. Од 194 земји-членки на СЗО, приближно половина не ја исполнија целта, а во околу 40 држави не е имунизирано ниту десет отсто од населението.

Генералниот секретар на СЗО, Теодрос Гебрејесус, во новогодишната честитка изрази надеж дека во 2022 можно е да заврши пандемијата на коронавирусот.

-Две години по почетокот на пандемијата, алатките на располагање за борба против ковид-19 сè уште се нерамномерно распределени низ светот. Во Африка, три од четири здравствени работници не се вакцинирани, додека луѓето во Европа и САД примаат трета доза. Таквиот јаз ги зголеми условите за појава на нови соеви, заклучувајќи нè во циклус на континуирани загуби, тешкотии и ограничувања, напиша Гебрејесус.

Тој додаде дека ако заврши нееднаквоста, тогаш ќе заврши пандемијата и глобалниот ноќен кошмар што го проживеа цел свет.