Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани во Белград изјави дека Балканот е од стратешко значење, a дека Италија сака да биде поприсутна на тој простор и дека ја сака Србија во Европската унија.
„Балканот е дел од Европа, Балканот има стратешко значење, таму живеат нашите пријатели со кои соработувавме и соработуваме“, рече Тајани, нагласувајќи дека Италија ја сака Србија во Европската унија и дека сака дополнително да ги зајакне пријателските односи кои биле на место досега.
Заедно со Вучиќ, Тајани учествува на Форумот за деловна и научна соработка меѓу Србија и Италија, на кој во Белград се собраа 151 италијански и 246 српски компании.
„Верувам дека Вучиќ и Владата ќе придонесат за развој на соработката меѓу двете земји и ќе изградат важен пат за стабилноста на Балканот и на цела Европа“, изјави шефот на италијанската дипломатија, пренесува Хина.
Подобрување на економските односи
Двајцата лидери разговарале за натамошно унапредување на економските односи и за нови инвестиции. Тајани истакна дека денешниот собир е дел од една поширока стратегија и дека е планирано сличен собир да се одржи следната година во Трст.
На отворањето на форумот, Вучиќ рече дека е горд на фактот што во Србија е создадена поволна атмосфера за бизнис и додаде дека Италија е искрен пријател за Србија на кој секогаш може да смета. Тој додаде дека јавните финансии се во добра состојба и дека Србија во последните три години успеала да привлече 63 отсто од директните странски инвестиции.
Италијанските компании покажуваат најголем интерес за инвестиции во Србија поврзани со енергетиката и зелената транзиција, земјоделството и инфраструктурата.
Италија е трет најважен трговски партнер на Србија и еден од најголемите странски инвеститори.