Тајфунот „Долфин“ денеска ја погоди источна Кина, а властите евакуираа повеќе од еден милион луѓе поради силниот ветер и обилните врнежи. Центарот на тајфунот стигнал до копното во близина на градот Јухуан, во провинцијата Џеџијанг, околу 17:30 часот по локално време, со ветрови посилни од 150 километри на час.

Само во крајбрежниот град Венџоу биле евакуирани повеќе од 900.000 жители, а биле отворени над 1.000 прифатни центри. Поради невремето речиси 1.400 летови биле откажани на двата главни аеродроми во Шангај, додека во делови од Џеџијанг, Шангај, Фуџијан, Анхуи и Џиангсу се очекуваат исклучително обилни врнежи.

Последиците од тајфунот се почувствувале и во Хонг Конг, каде температурата достигнала рекордни 36,9 степени. Тамошните метеоролози објасниле дека жештината е последица на топлиот воздух што „Долфин“ го придвижил кон градот.

Пред да стигне до кинеското копно, тајфунот ги зафати Окинава и Тајван. На јапонскиот остров седум лица биле полесно повредени, а повеќе од 5.000 домаќинства останале без електрична енергија. На Тајван биле прекинати повеќе десетици траектни линии и откажани над 180 летови.

Кинескиот Национален метеоролошки центар претходно издал црвено предупредување, највисок степен на опасност. Според прогнозите, тајфунот постепено ќе слабее откако ќе навлезе подлабоко во копното и ќе продолжи да се движи кон северозапад низ источна Кина.