Третопласираниот тим во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) Македонија ЃП ќе ја продолжи битката за место кое следната сезонa обезбедува настап во фудбалска Европа со Александар Таневски како нов тренер.

Таневски седнува на клупата на Македонија ЃП ден откако екипата му врачи отказ на Жикица Тасевски по неделниот пораз од Струга Трим со 3:2 на домашен терен против директниот конкурент за третото место на табелата кое обезбедува настап во новоформираната европската Конференциска лига.

Таневски се враќа во редовите на Македонија ЃП каде ја извршуваше тренерската должност до ноември 2019 година.

На четири кола до крајот на првенството во ПМФЛ, Македонија ЃП е третопласирана со 48 бодови, еден повеќе од четвртопласираната Струга Трим и седум повеќе од Работнички на петтото место.