Интеграцијата на скопските клиники во една установа, која беше планирана за 2025 година, ќе се случи дури во јануари 2026 година. Одлуката за одложување доаѓа поради нерешени организациски прашања за тоа како 32 клиники, со исто толку управни одбори и обемна администрација, да бидат обединети во еден систем. Овој процес беше дел од плановите на претходните министри за здравство, но досега не се најде начин како да се постигне целосна интеграција.

Таравари го разгледува словенечкиот модел на организација

Министерот за здравство, Арбен Таравари, потврди дека неговиот здравствен совет активно работи на проучување на разни модели за интеграција на клиниките. Еден од најверојатните модели е словенечкиот, каде постои еден главен директор и неколку помошници, што би можело да се примени во македонскиот здравствен систем.

„Работиме на тоа. Нашето советодавно тело веќе е ангажирано во процесот на спојување на Клинички. Се надевам дека во јануари 2026 ќе го започнеме тој процес, паралелно со новиот Закон за здравствена заштита,“ изјави Таравари.

Враќање на специјалисти од приватниот во државниот сектор

Покрај интеграцијата на клиниките, министерот Таравари работи и на иницијатива за враќање на врвни специјалисти од приватниот сектор во јавното здравство. Владата го укина ограничувањето за вакви трансфери, но услов е враќањето да се однесува само на специјалисти со повеќегодишно искуство.

„Неколку доктори веќе изразија интерес за враќање. Ова се луѓе кои си заминале од јавното здравство, но сега гледаат потенцијал во реформите што ги спроведуваме,“ истакна Таравари.

Решавање на статусот на договорците во здравството

На отчетот за првите 100 дена од неговиот мандат, Таравари најави дека до крајот на годината ќе се реши статусот на над 2000 вработени со договор на дело во здравствениот систем. Тој најави дека барем половина од овие лица ќе добијат трајни решенија за вработување, а кои конкретно ќе бидат вработени, ќе се одлучи во консултација со директорите на здравствените установи.