Го имаме проблемот во политизација на институциите и партизацијата. Луѓето што знаат и можат не се на позициите каде што треба да бидат затоа што таму се ставаат подобни и погодни лица кои се блиски до некои кругови, а не оние што најдобро можат да ја завршат работата. Тоа ни е проблемот по кој сега треба да ги вложиме сите сили да ги надминеме, изјави Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнл“ по Регионалната конференција за борба против корупцијата која беше организира во соработка со Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал (UNODC), со поддршка на владата на Велика Британија и Регионалната антикорупциска иницијатива.
На прашањето кој е нејзиниот коментар за потсетувањето од американската амбасада дека се вложени многу средства за јакнење на капацитетите на обвинителите и на судиите, Тасева вели дека добро е што конечно се повикаа на фактот дека многу е вложено во техничка поддршка.
Од 2000 година наваму добиваме техничка поддршка. Посебно САД помагаа во јакнење на капацитетите на обвинителите и на судиите со обуки, со посети во други држави, меѓутоа сега конечно се сетија и тие да се бара отчет, одговор и резултат, не само да се даваат средства. Многу често луѓето што се обучени не остануваат на функциите поради некакви други причини или, пак, не даваат никаков резултат од тоа што го научиле повторно од некакви причини. Сега треба да се види што се случува и зошто сето она што е вложено и направено досега не дало резултати, рече Тасева.