Шестгодишно дете е тешко повредено во сообраќајна несреќа во Тетово, откако било прегазено со џип управуван од неговиот татко. Детето поради сериозноста на повредите било пренесено од Тетово во Скопје.
Несреќата се случила во неделата, 23 август, околу 8:30 часот. Според информациите од полицијата, 42-годишниот В.С. од Тетово управувал патничко возило „Фолксваген Туарег“ без регистарски ознаки.
Додека се движел наназад со возилото, со задното тркало го прегазил својот шестгодишен син.
Детето веднаш било пренесено во Ургентниот центар во Тетово. Поради тешката здравствена состојба, лекарите го префрлиле во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
„На 23.08.2026 во 09:50 часот од Ургентниот центар во Тетово било пријавено дека кај нив е донесено малолетно дете со сериозни повреди. Поради тешката здравствена состојба, детето било итно пренесено во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. По извршените проверки, утврдено е дека несреќата се случила околу 08:30 часот, кога 42-годишниот В.С. од Тетово, управувајќи патничко возило „Фолксваген Туарег“ без регистарски ознаки и движејќи се наназад, со задното тркало го прегазил својот шестгодишен син“, соопшти СВР Тетово.
Увид на местото извршила екипа на СВР Тетово. Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со несреќата.
