Технички проблеми во германската Контрола на летање денеска ќе предизвикаат потешкотии во европскиот воздушен простор, соопшти операторот на аеродромот во Франкфурт.

Според весникот Билд, станува збор за софтверски проблем.

„Затоа, ќе има доцнења во операциите и откажувања на летови и на аеродромот во Франкфурт“, наведе операторот на својата веб-страница, пренесуваат британските медиуми.

Проблемите биле пријавени во Центарот за контрола на летање во Ланген, седиште на германската компанија за воздушна навигација ДФС, чии контролори го следат полетувањето и слетувањето на авионите на 15 меѓународни аеродроми во Германија.