– Имав топол и конструктивен телефонски разговор со претседателот на САД. Долго разговаравме за заедничките врски меѓу нашите два народи, по повод 200-годишнината од грчкото востание, како и за важноста на континуираното зајакнување на нашето партнерство, напиша грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на официјалниот Твитер профил.
Од Белата куќа и од кабинетот на грчкиот премиер соопштија дека за време на телефонскиот разговор Бајден му честитал на Мицотакис за националниот празник, а станало збор за повеќе теми како што се Источниот Медитеран, Западен Балкан, климатските промени, но била истакната и волјата за понатамошно продлабочување на силните билатерални врски меѓу двете земји.
– Двајцата лидери се согласија да работат заедно за справување со заканата од климатските промени и да се настојува кон одржливо економско закрепнување. Претседателот ја пренесе неговата надеж за стабилност во Источниот Медитеран. Тие, исто така, се согласија да се координираат за прашањата од заеднички интерес, вклучително и енергетската безбедност, Кина, Русија и Западен Балкан, соопштија од Белата куќа.
Од кабинетот на грчкиот премиер велат дека Мицотакис ја изразил подготвеноста на Грција за тесна соработка со САД на меѓународно ниво, „за одбрана на заедничките вредности на двете земји, со акцент на човековите права и борбата против климатските промени”.
– Господинот Бајден истакна дека денес Грција е клучен партнер во НАТО, со активни активности за мир и просперитет во Источниот Медитеран, Црното Море и на Западен Балкан, потенцирајќи ја важноста на одбранбената соработката меѓу двете земји, соопштија од кабинетот на Мицотакис и додаваат дека за време на разговорот била потенцирана стратешката соработка на двете земји „насочена кон безбедност и просперитет во поширокиот регион на Источниот Медитеран”.
Американскиот претседател, за вчерашниот национален празник во Грција испрати писмена порака до грчката претседателка, а вчера кусо пред почетокот на воената парада, упати видео порака со честитка до грчкиот народ.