Темата за мигрантите е политички инструментализирана од опозицијата

Премиерот Христијан Мицкоски одговори на пратеничко прашање во Собранието, нагласувајќи дека темата за мигрантите е политички инструментализирана од опозицијата, а власта ја води одговорно. Тој изјави:

„Јавноста да биде спокојна. Сè додека е оваа влада, нелегална миграција, легална миграција, како резултат на пропаднати апликации за азил, како резултат на некакви си договори, нема да има. И тоа се гледа.“

Мицкоски додаде дека обидите на опозицијата да ја создаде лажна тема околу мигрантите се „кампања за невистина“ и дека тоа е обид да се тргне вниманието од внатрепартиските случувања во СДСМ.

„Многу пати коментиравме во јавноста дека е апсолутна лага и конструкција дека било кога сме разговарале воопшто на оваа тема во процесот за постигнување на договор за стратешко партнерство со Обединетото кралство,“ посочи Мицкоски. „Тоа е филозофијата и пи-ар трикот што мислат дека ќе го направат. Мислам дека тоа не е игра на краток рок, туку игра на уназадување. Ако некој пледира да биде сериозна политичка опција, тогаш треба да има и сериозни позиции, а ова не се сериозни позиции, туку политички гимнастики кои немаат апсолутно никаква врска… Еве ќе дојдат и март и април, мигранти ќе нема, ќе дојде и јуни пак ќе нема мигранти, и тогаш што ќе се прави? На следните избори наместо 18, ќе имаат 12 пратеници.“

Празната сала ја отсликува работата на опозицијата

Мицкоски истакна и дека опозицијата не присуствуваше на седницата за пратенички прашања, додавајќи:

„Мислам дека местото не е таму. Местото е тука, во Парламентот. Тука се прави таа дебата, тука се бранат аргументите, тука граѓаните следат, но овие места на опозицијата се празни. И затоа кога утре ќе зборат за интересите на граѓаните, за стандардот на граѓаните, за подобра држава, граѓаните треба само оваа слика да ја видат, денес на пратенички прашања. Ова е сликата на опозицијата во македонското собрание.“

Владата останува одговорна и избори напролет нема да има

Премиерот потсети дека и покрај притисоците од СДСМ, избори напролет нема да се одржат, бидејќи следната година е исполнета со предизвици кои треба да се решаваат:

„Со тоа јасно и недвосмислено се става крај на оваа измислена тема мигранти, ги потврдува политиките на владата, а политиките на владата ги потврдија граѓаните на локалните избори коишто се случија пред неколку недели. Оваа влада како ретко која влада од независноста до денес, има обврска да ги штити интересите на граѓаните бидејќи има во историска смисла најголема доверба. И затоа мораме да се однесуваме одговорно колку и да имаме работа со неодговорна опозиција.“