Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, одржа работна средба со претставници на Здружението „ХЕМА-ОНКО“ – здружение посветено на пациентите со рак и нивните негуватели, како и со претставнички на групата „Пеперутки“, на која се разговараше за актуелните потреби на пациентите и за унапредување на здравствената заштита.

Средбата доаѓа на денот на собирот на онколошките пациенти пред ресорното миистерство поради доцнењето на терапиите.

„Во фокусот на средбата беше новиот Закон за лекови, при што претставниците на здружението ги изложија своите препораки и предлози. Заменик-министерот истакна дека пациентските организации треба да бидат активно вклучени во креирањето на политиките и законските решенија што непосредно ги засегаат пациентите… За лековите кај кои беа регистрирани доцнења веќе се преземени конкретни мерки. Дел од испораките се реализирани, за дел се склучени нови договори, а за останатите се обезбедуваат привремени решенија до целосно нормализирање на состојбата“,соопшти Здравство.

На собирот пред министерството, Ана Марјановиќ од здружението „Хема-Онко“ кажа дека проблемот со терапиите провејува со години, но дека во моментот е надминат. Најчесто недостасувале терапии како „Фулвестрант“ и „Золадекс“, а овојпат имало недостиг и на дел од цитостатиците што се на позитивната листа. Забележуваат што пациентите се држат во неизвесност и бараат навремена и континуирана терапија.

„Баравме поголем буџет и добивме. Тендерот помина во мај месец и цело лето некакви дупки во набавките за Онкологија има. Доколку проблемот не се надмине и за еден месец имаме повторно ваков застој – од недела дена, до пет – десет дена, во тој случај доколку не се каже точно кој добавувач е проблемот, бидејќи во последно време слушаме дека добавувачите се проблем, ќе се распоредиме пред сите институции што значи ќе нè има пред Влада, пред Министерство, пред Онкологија, ќе нè има секаде и ќе нè има пред сите дистрибутери, или во спротивно да знаеме кои се дистрибутерите кои прават проблеми, да бидеме кај нив и да можеме и со нив да разговараме да ни кажат кои се проблемите со коишто можеби тие се соочуваат за пациентите на Онкологија да добиваат навремена терапија“,кажа таа.

Вчера, од Клиниката, соопштија дека кај мал дел од препаратите од позитивната листа на Фондот за здравствено осигурување било евидентирано „краткотрајно доцнење во испораката“, кое го поврзуваат со повеќе фактори – зголемена потрошувачка, поголем број пациенти, периодот меѓу две јавни набавки и делумен недостиг кај дистрибутерите.