Биолошките лекови за третман на канцер, кои недостасуваа повеќе од еден месец, пристигнаа на Клиниката за онкологија и радиотерапија, потврдија од установата. Дополнително информираат дека уште еден значаен медикамент треба да биде испорачан во текот на понеделник.
Од здружението на пациенти со малигни заболувања „Хема Онко“ велат дека очекуваат ситуацијата конечно да се стабилизира. Тие апелираат вакви прекини во снабдувањето со терапија да не се дозволуваат во иднина, бидејќи го загрозуваат здравјето на пациентите.
Во изминатиот период најкритично беше со терапија за канцер на дојка, а недостиг беше регистриран и кај лековите за рак на белите дробови. Здруженијата потенцираат дека редовното обезбедување на овие лекови е клучен предуслов за успешен третман на пациентите.