Дваесетина контејнери, дел од нив со злато и со сребро, се украдени од пристаништето на градот Манзанило во западно Мексико. Надлежните органи во текот на вчерашниот ден ја опишаа операцијата како „невообичаена“ и „многу сериозна“.

Криминалната операција, што некои медиуми ја нарекоа и „кражба на векот“, е извршена на 5 јуни на приватна парцела во близина на главното трговско пристаниште во Мексико на брегот на Тихиот Океан. До пред два дена немаше никакви информации за случајот.

Тешко вооружени напаѓачи го неутрализирале обезбедувањето на пристаништето. Криминалците користеле кранови и камиони за да ги натоварат контејнерите од осум до 10 часа.

– Украдената роба е избрана многу напорно – скапоцени метали и други работи, како на пример клима уреди. Ова е невообичаено. Одвреме – навреме имало кражби на контејнери, но, не во такви количини, изјави портпаролот за безбедност на Колима, Густаво Адријан Хоја, каде што се наоѓа пристаништето.

Засега нема детали за количината на украденото злато и сребро.