Четириест и шестгодишниот велешанец Е.П. вчера се здобил со тешки телесни повреди во сообраќајна незгода што се случила на патниот премин на пругата помеѓу железничките станици Велес и Чашка кај велешкото село Горно Оризари, меѓу патничко возило „Ситроен Берлинго“, со велешки регистарски ознаки, што тој го управувал и товарен воз што сообраќал на релација Прилеп-Трубарево.

Според СВР Велес, случајот бил пријавен во полиција вчера попладне во 16:30 часот, по што местото на незгодата бил извршен увид од увидна полициска екипа.

Како што информира за МИА, д-р Елеонора Јованова, портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес, во 17 часот во Ургентниот центар на велешката болница бил донесен повредениот Е.П., кај кого биле констатирани тешки телесни повреди – фрактура на рбетот во пределот на вратот. Поради тежината и сериозноста на повредите со возило на итна помош итно тој бил препратен на понатамошно лекување на Клиниката за Неврохирургија при Клиниката „Мајка Тереза“ во Скопје.

Од Железничката станица во Велес информираат дека на овој премин има прегледност и предупредување со знаците андреев крст и стоп, за возачот да запре и погледене лево, десно дали доаѓа возот.

Сепак, велат од ЈП МЖ, поставување на автоматска рампа или светлосна сигнализација треба да го иницираат жителите од Горно Оризари во соработка и со средства од локалната власт, а со барање доставено до ЈП „Македонски железници“ истите да биде поставени, а во интерес на безбедноста на возачите и сите кои преминуваат на овој железнички премин.