Припадниците на специјалната единица „Тигар“ и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје денеска спроведоа акција во селото Студеничани, при што ослободија шестмина мигранти. Мигрантите биле држани против нивна волја во подрумски простории под закана со оружје, од страна на криминална група.

Од МВР потврдуваат дека по акцијата се приведени седум македонски државјани, кои биле затекнати на местото на настанот. Полицијата ќе ја истражува нивната улога и евентуална вмешаност во криминалната активност.

Според првичните информации, заробените мигранти преку електронска пошта побарале итна помош од Обвинителството. Во пораката посочиле дека вооружена криминална група ги држи насилно затворени и им се заканува по живот во Студеничани.

Надлежните најавуваат дополнителна истрага и активности за целосно расчистување на околностите околу овој случај. Повеќе детали од Министерството за внатрешни работи најавија дека ќе соопштат во текот на денот.

Извор: MKD