Компанијата „ВИК“ ја проширува својата инвестиција во Прилеп со нов производен капацитет, кој по достигнувањето на полниот производствен обем се очекува да отвори околу 300 нови работни места, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски изрази задоволство од проширувањето на инвестицијата, посочувајќи дека „ВИК“ е значаен партнер за Пелагонискиот Регион и Општина Прилеп, каде компанијата успешно работи од 2018 година.

„ВИК“ за нас е многу важен партнер, посебно во Пелагонискиот Регион, посебно овде во Прилеп, којшто веќе успешно работи од 2018 година, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата ќе продолжи да обезбедува институционална поддршка за инвестициите, без разлика дали станува збор за домашни или странски инвеститори.
Посебно ја истакна важноста на инвестицијата поради нејзината поврзаност со циркуларната економија, која, како што посочи, е еден од значајните трендови во Европската Унија.
-Сето она што е старо и искористено да го рециклира и да го обнови. Тоа е она што претставува додадена вредност и тоа е она што претставува сега тренд во рамките на економијата на самата Европска Унија, рече премиерот.
Мицкоски му се заблагодари на сопственикот на компанијата за одлуката да инвестира и да го проширува бизнисот во Прилеп, како и на директорот на ТИРЗ и градоначалникот на Општина Прилеп за поддршката на инвестицијата.
Премиерот посочи дека за успешното функционирање на ваквите инвестиции е особено важна соработката со локалните институции и образовниот сектор, од каде што треба да се обезбедува квалификуван кадар.
Според Мицкоски, целта е преку новите инвестиции да се зголеми локалната економска активност, но и да се придонесе кон растот на македонската економија.
Тој најави дека Владата и во периодот што следи ќе продолжи со привлекување нови инвестиции и реализација на ветувањата дадени пред граѓаните.
