Поплака има за третманот на лице со аутизам во болницата во Демир Хисар. Мајката на 17-годишно момче, Салка Абдуловска за „Слободен печат“ вели дека нејзиниот син бил врзуван во Психијатриската болница Демир Хисар. Момчето по телото имало видливи рани. Тоа 5 седмици било хоспитализирано во болницата, а таму било за опсервација, за да се адаптира на терапијата.

„Го држеле врзан, со синџири. Кога го земавме дома низ целото тело имаше рани. Ние го однесовме за опсервација, да му се погоди терапијата. Не го однесовме да го малтретираат детето. И не знаеме што се случува таму. Хоспитализиран беше 5 недели. Ни велеа да го извадиме надвор, но ние знаевме дека треба да се смири и тогаш да го земеме дома. Ѕвоневме, прашувавме и се консултиравме со докторите. Тие самите ни рекоа дека поради личната безбедност на син ми мораат да го држат врзан. Како велам, врзан?“, раскажува Абдуловска.

Таа прашува во кој век живееме и како можат вака да се однесуваат со дете.

Од Психијатриската болница во Демир Хисар ни изјавија дека пациентот е лекуван во таа установа во текот на изминатиот месец.

„Станува збор за лице со нарушување од аутистичен спектар во изразито влошена состојба. Претходно бил одбиен за третман од повеќе установи. Актуелниот прием е реализиран на упорно инсистирање на родителите, иако притоа беа запознаени со условите во установата и дека не станува збор за соодветна институција за негов третман. Лекувањето е согласно медицина базирана на докази и во текот на третманот се бележеа одредени ситуации за кои е неопходно физичко ограничување. Истите се изведуваа согласно протоколите. Тоа се ситуации кои се поврзани со ризично однесување во смисла на автодеструктивност или агресивност кон другите. Родителите во текот на целиот третман беа навремено и редовно известувани за неговата состојба“, велат од  Психијатриската болница во Демир Хисар за САКАМДАКАЖАМ.МК.