Полициски службеници продолжуваат со превентивните активности насочени кон подигнување на сообраќајната култура и безбедноста на сите учесници во сообраќајот, преку реализација на едукативни работилници во училиштата и превентивни кампањи на патните правци.

Полициски службеници од полициското одделение Кривогаштани, во основните училишта „Манчу Матак“ во село Кривогаштани и „Јонче Смигрески“ во село Обршани, реализираа превентивни работилници со учениците посветени на темата „Безбеден сообраќај“, при што беа поделени и печатени летоци со едукативна содржина.

Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Штип, во координација со претставник од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Штип, на експресниот пат Штип-Скопје спроведоа превентивно-едукативна кампања. Активноста беше организирана по повод Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди, кој се одбележува секоја година во третата недела од ноември под мотото „Патиштата си имаат своја приказна – Кажи стоп за смртта на патиштата“, при што беа поделени едукативни материјали наменети за возачите со цел спречување на ризичните сообраќајни појави што можат да доведат до фатални последици.