Преработените производи можат незабележливо да ја нарушат функцијата на бубрезите

Кога станува збор за здравјето на бубрезите, најчесто се предупредува на прекумерниот внес на сол. Сепак, експертите посочуваат дека уште поголем проблем претставуваат скриените фосфати во индустриски преработената храна – состојки кои ретко ги забележуваме на декларациите, а можат сериозно да го оптоварат организмот.

Бубрезите секојдневно ја филтрираат крвта и ги отстрануваат штетните материи од телото. Но, честата консумација на преработени производи може постепено да ја намали нивната способност да ја извршуваат оваа функција, без притоа веднаш да се појават симптоми.

Меѓу намирниците што најмногу ги оптоваруваат бубрезите се саламите, колбасите и пушената сланина. Тие содржат големи количини сол, но и индустриски фосфати кои се користат за продолжување на рокот на траење. Само еден сендвич со сувомесни производи може да содржи повеќе од еден грам сол, додека препорачаниот дневен внес е околу пет грама.

Покрај преработеното месо, ризик претставуваат и газираните пијалоци, инстант супите и солените грицки, како што е чипсот. Овие производи содржат високи количества натриум и фосфати, далеку поголеми од оние што вообичаено се користат при домашна подготовка на храна.

Темните газирани пијалоци, пак, содржат фосфорна киселина, која им го дава специфичниот вкус. Истражувањата покажуваат дека фосфатите од адитивите се апсорбираат многу полесно во организмот отколку природните фосфати што се наоѓаат во месото, мешунките и другите намирници.

Според преглед објавен во списанието „Deutsches Arzteblatt International“, високиот внес на фосфатни адитиви може да ги оптовари бубрезите и крвните садови.

Прекумерната сол го зголемува ризикот од оштетување

Инстант супите се уште еден извор на прекумерен внес на натриум. Само една кесичка може да содржи и до половина од препорачаната дневна количина сол. Доколку на тоа се додадат други солени производи во текот на денот, внесот лесно може значително да се надмине.

Премногу сол доведува до задржување течности и покачување на крвниот притисок. Високиот крвен притисок е една од водечките причини за постепено оштетување и откажување на бубрезите.

Сличен ефект имаат и солените закуски. Комбинацијата од сол, масти и засилувачи на вкус често поттикнува прејадување, што дополнително го зголемува товарот врз бубрезите.

Кој треба да биде особено внимателен?

Лицата со висок крвен притисок, дијабетес или заболувања на тироидната жлезда треба да бидат особено претпазливи и пред промени во исхраната да се консултираат со својот лекар.

Едноставни замени можат значително да помогнат. Наместо сувомесни производи, може да се избере домашно печено пилешко месо. Наместо газирани пијалоци – вода со лимон, а наместо инстант супи – свежо подготвена зеленчукова супа.

Иако овие избори можеби не изгледаат привлечни како преработената храна, тие можат да придонесат за намалување на оптоварувањето на бубрезите и зачувување на нивната функција на долг рок.

Покрај тоа, прекумерниот внес на сол со години ги оштетува малите крвни садови во бубрезите преку зголемување на крвниот притисок, со што се забрзува нивното влошување.