Меси е на врвот, Роналдо му дише во врат

Иако веќе се во доцните фудбалски години, Лионел Меси и Кристијано Роналдо продолжуваат да испишуваат историја на светските првенства. Аргентинецот и Португалецот станаа првите фудбалери кои настапиле на шест Мундијали, а сега се во трка и за уште едно престижно достигнување – најголем број одиграни натпревари на Светските првенства.

Меси, кој со Аргентина ја освои светската титула во 2022 година, досега има одиграно 27 натпревари на мундијалите и е апсолутен рекордер во оваа категорија. Се очекува дополнително да ја зголеми оваа бројка, бидејќи „гаучосите“ на Светското првенство 2026 ги очекуваат најмалку уште два натпревари.

Веднаш зад него е германската легенда Лотар Матеус со 25 настапи на пет светски првенства – во 1982, 1986, 1990, 1994 и 1998 година.

Роналдо се израмни со Малдини

Третото место на вечната листа го делат Мирослав Клозе и Паоло Малдини, но со различен број учества. Клозе има 24 натпревари на четири мундијали – 2002, 2006, 2010 и 2014 година. Германецот, исто така, го дели првото место на листата на најдобри стрелци во историјата на Светските првенства со Меси, со по 16 постигнати голови.

Легендарниот Малдини, пак, одигра 23 натпревари на четири светски првенства, а со ист број натпревари сега се израмни и Кристијано Роналдо.

Португалецот настапи на шест Мундијали – во 2006, 2010, 2014, 2018, 2022 и 2026 година – и останува во трка да го подобри својот биланс и да се доближи до рекордот на Меси.

Покрај Меси и Роналдо, шест настапи на Светските првенства има и мексиканскиот голман Меме Очоа, но тој на Мундијалот 2026 сè уште нема забележано настап.