Премиерот Христијан Мицкоски најави истрага за постапката во која на обвинетиот бизнисмен Борче Марковски му беше вратен пасошот и обвини дека јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство во Битола извршил „груба манипулација“. Тој не го откри името на обвинителот, ниту наведе која институција ќе ја спроведе најавената истрага.

„Тука има груба манипулација од еден локален јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, којшто е соучесник во овој процес и тоа нема така да заврши. Ако сакав да кажам име и презиме, ќе кажев име и презиме, не би сакал да шпекулирам со имиња и презимиња. Допрва ќе има истрага и ќе следи истрага за овој процес, затоа што од страната на надлежното Основно јавно обвинителство имаме поинаков извештај од тој којшто е приложен како записник од страна на Вишото јавно обвинителство овдека во Битола. Ова нема така да заврши“, изјави Мицкоски при посетата на Битола.

Станува збор за предметот за наводни злоупотреби при јавна набавка поврзана со РЕК „Битола“ и „Марковски компани“. Според обвинението, во 2023 година петмина директори и раководители во комбинатот, меѓу кои и тогашниот директор Пеце Матевски, ја злоупотребиле службената положба и овластување.

Судењето треба да почне на 2 септември во Основниот суд во Струга. Претседателот на судот, Вулнет Винца, претходно изјави дека пасошот му бил вратен на Марковски со судска одлука, бидејќи обвинетиот приложил гаранција во вредност од над пет милиони евра.

„Пасошот на обвинетиот Борче Марковски му е вратен со одлука на судот бидејќи има приложено гаранција во вредност од над 5 милиони евра. Според законот, не може да се земе и гаранција во имот и да биде одземен пасошот. Или едното или другото“, рече Винца.

Јавното обвинителство соопшти дека обвинителот од ОЈО Струга на 15 јуни првично дал негативно мислење за враќањето на пасошот. По ново барање од одбраната, предметот бил доставен до Вишото јавно обвинителство во Битола, од каде што понискиот обвинител бил задолжен да даде позитивно мислење.

Како образложение било наведено дека гаранцијата ја исклучува опасноста од бегство и дека Марковски поседува фирма во Србија чие работење би можело да претрпи ненадоместлива штета доколку тој не отпатува за да потпише деловна документација. Од Обвинителството посочија дека во моментов Марковски не може да се смета за лице во бегство и дека сè уште има обврска да се јавува пред судот.