Во време кога земјите треба да преговараат за намалување на емисиите на стакленички гасови, кинеските власти неделава објавија дека го зголемиле производството на јаглен за милион тони дневно. Поради тоа денеска густа магла го покри Пекинг, каде видливоста е намалена на околу 200 метри.
Градските власти во Пекинг ги затворија игралиштата поради загадениот воздух, во време кога Кина го зголемува производството на јаглен среде конференцијата на ОН за климатски промени (COP26), што се одржува во Глазгов.

Кина, како најголем загадувач на воздухот во светот, е цел на критики на конференцијата во Глазгов поради отсуството на претседателот Кси Џинпинг.

Во време кога земјите треба да преговараат за намалување на емисиите на стакленички гасови, кинеските власти неделава објавија дека го зголемиле производството на јаглен за милион тони дневно.

Земјата, која е 60 отсто зависна од јаглен за производство на електрична енергија, се соочи со прекини на електричната енергија во последните месеци и соодветно ја зголеми експлоатацијата на јаглен.

Поради тоа денеска густа магла го покри Пекинг, каде видливоста е намалена на околу 200 метри.

Автопатските делници кон поголемите градови низ државата се затворени поради недоволна видливост.

Локалните власти за оваа појава ги обвинија „неповолните временски услови и регионалното ширење на загадувањето“.

На училиштата во Пекинг им е наредено да ги прекинат часовите по физичко образование и сите други активности на отворено.

Загадувањето на воздухот е значително намалено во последните години во Пекинг, кој се очекува да биде домаќин на Зимските олимписки игри во февруари 2022 година.

Доаѓањето на постудено време доведе до вклучување на греењето во северните региони на земјата, што го поттикна загадувањето.