Кога членовите од бугарскиот тим во заедничката историска комисија треба да се сретнат со македонските колеги задолжително земаат таблети за смирување, вели бугарскиот историчар Кирил Топалов, кој е дел од бугарскиот тим во интервју за БНР.
– Ти им велиш дека 2 и 2 се 4, а колегите ти велат дека се 5. Што да очекуваш освен да губиш нерви. Ни велат дека Самоил бил македонски цар, а не бугарски. Кога ги прашавме што значи тогаш камената плоча во Битола не знаеја што да одговорат. Некои од медиумите дури објавија дека тоа не е вистинската плоча, туку дека Бугарите ја направиле. Многу е тешко да се зборува со македонските колеги, се пожали Топалов.
Според него, кога зборуваат за различни прашања, како на пример Охридска архиепископија која што ја основал Василиј Втори и ја нарекол „архиепископија на цела Бугарија“, македонските колеги им велеле дека треба да настапуваат мултиперспективно, што значи дека секоја од страните може да ги толкува историските настани како што сака.
– На прашањето дали може за едно бело платно ако го гледаш мултиперспективно да кажеш дека е црно, ни рекоа „да“, ако имаш аргументи“. Ете такви разговори водиме со нив, изјави Топалов.