Италија се подготвува за екстремни температури, поради што од четврток во 27 градови ќе биде активиран највисокиот степен на предупредување. Во делови од земјата температурите се искачуваат до 40 степени Целзиусови, а опасноста од топлотниот бран се однесува на целото население.

Црвениот аларм ќе биде воведен од италијанското Министерство за здравство поради силниот топлотен бран кој го зафати поголемиот дел од регионот. Властите предупредуваат дека високите температури претставуваат сериозен ризик не само за повозрасните, хронично болните и другите ранливи категории, туку за сите граѓани.

Локалните власти ги повикаа граѓаните да избегнуваат директно изложување на сонце и престој на отворено во најтоплиот период од денот, особено од 11 до 18 часот. Кога е можно, се препорачува престој во разладени простории, внесување доволно течности и избегнување физички напори при високи температури.

Според метеоролозите, значително заладување не се очекува пред претстојниот викенд. Топлотниот бран е предизвикан од засилениот северноафрикански антициклон, кој во изминатиот период се прошири над голем дел од Европа.