Осамостојувањето на Македонија е најпозитивниот настан во изминатите 35 години, додека промената на уставното име е една од најнегативните и најцрните дамки во поновата историја, оцени министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој говореше за настаните што, според него, најсилно го одбележале периодот од осамостојувањето до денес, во пресрет на одбележувањето на 35-годишнината од независноста.

Тошковски посочи дека Македонија со осамостојувањето конечно добила сопствена, самостојна и независна држава, надвор од федерација или сојуз.

– Има многу настани што би можеле да ги подведеме и во едната и во другата група. Еве, како еден од најпозитивните би го издвоил осамостојувањето на Македонија. Конечно, по многу векови, имаме своја сопствена, самостојна и независна држава, од пред 35 години па наваму, не во рамките на одредена федерација, не во рамките на одреден сојуз, туку токму она што го посакувале огромен број генерации, многу генерации од нашите предци. За мене лично, една од најцрните дамки што ќе ми остане запаметена, а е негативна, е насилната промена на уставното име. Тоа би го издвоил како една од најцрните дамки на поновата македонска историја – истакна Тошковски во гостување.