Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во гостувањето во „Утринско еспресо“ на Радио Лидер, информираше за акцијата на МВР во соработка со Јавното обвинителство за разбивање на сериозна криминална група во Прилеп. Тој посочи дека вчера биле извршени околу 30 претреси, при што биле пронајдени повеќе од 130.000 евра во готовина и одземени 10 возила, меѓу кои и луксузни автомобили, а биле вмешани и полицајци.
Тошковски рече дека меѓу одземените возила има две „Масерати“, од кои за едното постои сомнение дека има фалсификувана документација, како и „Ленд Ровер“. Истражните дејствија, како што посочи, продолжуваат.
Според министерот, станува збор за криминална група која со години дејствувала, а дел од нејзините членови се осомничени дека сториле тешки кривични дела и надвор од земјава.
„Дел од оваа група, постојат сомневања дека делувала во Грција, на Халкидики, во Калитеа, каде што сторувала тешки кривични дела, грабежи, во Шпанија и еден од групата во Франција“, рече Тошковски.
Тој информираше дека едно од лицата кое претходно било во куќен притвор сега е лишено од слобода, а во рамки на истрагата се проверуваат и лица од неговото најтесно семејство.
Министерот посочи дека случајот се истражувал повеќе од една година, а во текот на истрагата биле утврдени и сомневања дека дел од кривичните дела биле споделувани со полицајци од страна на членови на криминалната група.
„Нема недопирливи. Секој којшто се огрешил ќе одговара“, порача Тошковски.
Тој говореше и за сомневањата за перење пари и можната поврзаност со имоти во Србија.
„Постои основано сомневање за купопродажба на имоти во Србија. Заедно со обвинителството, тоа ќе биде конфискувано и ставено на располагање на македонските граѓани“, посочи министерот.
Тошковски оцени дека акцијата покажува дека МВР е подготвено да се справи и со криминалот во сопствените редови.
„Покажавме дека сакаме да се ослободиме од криминалците во нашите редови. Најголем дел од полицајците се чесни“, рече тој.
Министерот додаде дека борбата против корупцијата е тешка и дека во изминатите две години МВР макотрпно работело на откривање и сузбивање на криминалот.
„Целта е да поставиме систем“, истакна Тошковски, додавајќи дека институциите ќе продолжат со активностите против криминалот и корупцијата.
Истражните дејствија во случајот продолжуваат.
