Вкупно 27 лица опфати истрагата за фалсификувани возачки дозволи, против кои е поднесена кривична пријава поради сомнение за незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба, а министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски синоќа во интервју за МТВ нагласи дека сега на потег се Обвинителството и Судот, кои, како што рече се надева дека ќе донесе законита и праведна одлука, која превентивно ќе делува во иднина.
-Оваа акција беше спроведена против 27 луѓе. Согласно информациите коишто ги имам има добри искази од страна на дел од луѓето коишто се инволвирани во оваа постапка, дел од нив се чесни, совесни, кажаа дека учествувале во рамки на постапка на некакво преговарање и притоа мислам дека овој случај треба буквално да е за памет на сите оние коишто во иднина ќе се дрзнат да го прекршат законот. МВР има поставено систем кадешто се детектираат сите незаконски промени на одредени податоци, така што многу лесно може да се детектира ваков вид на незаконитост, која што е сторена од страна на полициските службеници. Да можеби за тоа ќе треба време за да се истражи, можеби ќе треба соодветна посветеност на вработените од Одделот за внатрешна контрола, но покажавме и во овој случај како и во сите останати, дека секаде кадешто ќе детектираме незаконито поведение, соодветно ќе реагираме. Сега топката е во рацете на Обвинителството и Судот, особено Судот. Така што се надевам дека ќе донесе законита, праведна и правична одлука, која што превентивно ќе делува во иднина на сите оние коишто евентуално би се дрзнале да направат каков било прекршок поврзан со ваков тип на овластување и законски надлежности – изјави министерот.
Против 27 лица, меѓу кои и вработена во Министерството за внатрешни работи беше поднесена кривична пријава поради сомнение за незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба. Пријавата е поднесена до Скопското јавно обвинителство од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР.
Истрагата открила злоупотреби во постапките за издавање возачки дозволи, при што преку незаконски измени во електронскиот систем биле внесувани категории за кои подносителите не ги исполнувале законските услови. Потоа биле издавани возачки дозволи со невистинита содржина, соопшти викендов МВР.
Според МВР, вработената во Одделението за управни работи Скопје во периодот од 3 септември 2020 до 24 август 2026 година, користејќи ја својата службена шифра и овластувања, незаконски менувала претходно креирани барања за издавање возачки дозволи. Во одредени случаи отфрлала веќе оформени барања и креирала нови, во кои внесувала категории за кои лицата не ги исполнувале условите.
По измените, барањата биле одобрувани и потоа биле издавани возачки дозволи со неточни податоци.
Тошковски рече дека осомничената вработена, која претходно исто така била вмешана во други фалсификувања, но со судска одлука е вратена на работа, во овој случај тоа што го сторила буквално е загрозување на животот на секој еден од нас. Додаде дека тој лично смета дека ова е страшно кривично дело од аспект на последиците коишто може да ги предизвика, имајќи предвид дека, госпоѓата за која има основано сомнение и докази, спротивно на закон, им овозможувала да добијат возачка за управување со автобус, тешки товарни возила…на лица коишто никогаш не положиле за соодветната категорија.
-Значи госпоѓата со тоа што го сторила буквално загрозила живот на секој еден од нас затоа што му овозможила на некој којшто не поминал соодветна обука, не го положил испитот којшто требало да го положи, нема доказ навистина дека го научил тоа што требало да го научи, а притоа му дала во рака волан да управува автобус или камион од неколку тони и притоа загрозила живот буквално на секое едно дете коешто поминува улица – нагласи Тошкоски.
Тој изрази надеж дека Судот ќе донесе праведна и законита одлука, поради можните последници, што ваквото постапување понатаму може да ги има врз човечките животи.
-За ваков тип на кривични дела навистина сметам дека судот во иднина итекако треба да го стави прстот на глава, да не носи одлуки како во минатото, па повторно истите да ни се јавуваат во рамки на ваков тип на постапки, туку соодветно превентивно да делува во иднина со изречената одлука каква и да биде. Да не делува само против конкретното лице, туку и за сите останати на коишто ќе им падне на памет да сторат ваков тип на кривично дело, никогаш да не го сторат. Односно, со запретената казна навистина секој во иднина двапати да размисли дали ќе го злоупотреби законот и со тоа ќе ги стави под ризик не само милион и осумстотини илјади македонски граѓани, туку и сите останати граѓани кои живеат низ Европа – рече Тошковски.
