Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски упати порака до Обвинителството и судот по отворањето истрага против 27 лица за сомнение за незаконско внесување категории во возачки дозволи. Меѓу осомничените е и вработена во МВР, за која Тошковски тврди дека и претходно била вмешана во случаи на фалсификување, но со судска одлука била вратена на работа.
„Сега топката е во рацете на Обвинителството и судот, особено судот“, рече Тошковски, изразувајќи надеж дека одлуката ќе биде законита и праведна и дека ќе има превентивен ефект.
Тој порача дека судот не треба да ги повторува, како што рече, одлуките од минатото по кои истите осомничени повторно се појавувале во слични постапки.
Кривичната пријава опфаќа 27 лица поради сомнение за незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба. Според информациите од МВР, во електронскиот систем биле внесувани категории за кои лицата не ги исполнувале законските услови, по што им биле издавани дозволи со невистинита содржина.
Според МВР, осомничената вработена во Одделението за управни работи Скопје од септември 2020 до август 2026 година ја користела службената шифра за незаконски да менува веќе креирани барања. Во одредени случаи, старите барања биле отфрлани, а потоа биле креирани нови со дополнителни категории.
Тошковски како особено сериозен дел од случајот го посочи фактот дека, според наводите во истрагата, на лица кои немале положено за соодветната категорија им било овозможено да добијат дозволи за управување автобуси и тешки товарни возила.
„Значи, госпоѓата со тоа што го сторила буквално му го загрозила животот на секого од нас затоа што му овозможила на некој што не поминал соодветна обука, не го положил испитот што требало да го положи, нема доказ навистина дека го научил она што требало да го научи, а притоа му дала во рака волан да управува автобус или камион од неколку тони и притоа му го загрозила животот буквално на секое едете што поминува улица“, нагласи Тошкоски.
Тој смета дека судската одлука треба да испрати порака и до сите кои во иднина би се обиделе да го злоупотребат системот. Според министерот, МВР веќе има механизми преку кои може да ги детектира незаконските промени на податоците, иако за целосното истражување на одредени случаи е потребно време.
„Со запретената казна навистина секој во иднина двапати да размисли“, рече Тошковски.
Тој додаде дека последиците од ваквите злоупотреби, според него, можат да ги загрозат не само граѓаните во Македонија, туку и останатите учесници во сообраќајот низ Европа.
