Во обид да го намали ценовниот удар на бензинските пумпи летово француската компанија „ТоталЕнерџи“ денеска треба официјално да го соопшти намалувањето од 12 центи за литар гориво на сите свои пумпи на автопатите, дознава весникот „Паризиен“, а информацијата е потврдена и за Фигаро.

Оваа мерка ќе се применува од 1 јули и за време на летниот распуст, односно до 31 август.

Мерката беше најавена во април, а сега намалувањето е зголемено, бидејќи првично требаше да изнесува 10 центи.

Бруно Ле Мер, претходно ја повика компанијата да направи „дополнителен напор“ за возачите во пресрет на летните одмори, јави дописникот на МИА.

Ова намалување се додава на намалувањето од 18 центи за кое се одлучи владата. Министерот за економија, исто така, сака да побара од Парламентот да го продолжи овој државен механизам до декември, додека бранот на инфлација на цените, кој особено се однесува на енергетиката, продолжува да ја тресе куповната моќ на Французите.