Шест млади лица од Битола, на возраст од 15 до 22 години, се опфатени со кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, откако, според информациите на Телма, се претставувале како дел од неформалната балканска група „Пантери“, позната по таканаречен лов на педофили. Тие, според пријавата, ловеле потенцијални педофили, ги снимале, јавно ги објавувале и ги омаловажувале. На овој начин, македонската група дејствувала слично како и босанските „Пантери“, кои лани беа уапсени во Босна и Херцеговина.

Лажен профил и средби со возрасни мажи

Начинот на делување на ваквите групи е познат во земјава и на Балканот. Мажи преку лажен профил на социјалните мрежи се претставувале како малолетничка и закажувале средби со потенцијални педофили. Кога возрасните мажи ќе се појавеле на договореното место, членовите на групата ги снимале и ги терале сами да признаат дека се педофили, но и да го бакнат знакот на организацијата.

На инстаграм-профилот на „Пантери Македонија“ биле објавени неколку куси видеа, додека јутјуб-каналот повеќе не постои, иако претходно таму биле објавувани цели видеа од затекнатите возрасни мажи кои сакале да се сретнат со лажната малолетничка.

Јавноста со поддршка, МВР со кривична пријава

По објавувањето на информацијата, голем дел од реакциите во јавноста беа дека полицијата не си ја врши работата, па затоа ваквите групи ја преземаат правдата во свои раце. Инстаграм-профилот на „Пантери Македонија“ е полн со коментари за поддршка.

Од друга страна, од МВР велат дека шесте лица се сомничат за четири кривични дела: насилство, злоупотреба на лични податоци, неовластено снимање и самовластие. Слична група, која исто така се нарекувала „Пантери“ и дејствувала на ист начин, лани беше уапсена во Босна и Херцеговина. Во Словенија, пак, медиумите објавуваа прилози со членови на групата кои помогнале да се улови предатор.

Обвинителството ќе постапува и за измамените мажи ако има докази

Од македонското обвинителство велат дека ова не е првпат да се истражуваат таканаречените ловци на педофили. Оттаму додаваат дека доколку обвинителството дојде до докази за злоупотреба на малолетнички, ќе ги гони и измамените мажи.