Пронајдени делови од тело во напуштена зграда, уапсени две лица
Криминалистичка истрага е отворена во Солун по откривање на докази што упатуваат на можен сериски убиец.
Во напуштен објект во населбата Менемени биле пронајдени делови од тело на 43-годишна жена. Телото било обвиткано во теписи, пластични материјали и стара облека.
По откритието, уапсен е сопственикот на зградата, 52-годишник. Лишен од слобода е и негов 50-годишен соработник. Двајцата се главни осомничени во тековната истрага.
Портпаролот на грчката полиција соопшти дека единицата за борба против организиран криминал повторно ги разгледува децениските нерешени случаи во Северна Грција. Станува збор за повеќе од десет исчезнувања и убиства, најчесто од западните делови на Солун.
Се испитува поврзаност со други смртни случаи
Како најнови жртви се идентификувани Вики Кутаки (43) и Марија Ангелакуди (47).
Истражителите повторно ја анализираат и смртта на 27-годишната Деспина Георгиаду. Таа исчезна во 2022 година, а беше пронајдена мртва во 2023 година.
Семејствата на жртвите јавно укажуваат на сличности во околностите на смртта. Посочуваат дека во повеќе случаи станува збор за задушување. Овие детали ја засилуваат можноста за поврзаност меѓу дел од случаите.
Адвокатите на осомничените ги отфрлаат обвинувањата. Бранителот на 52-годишникот изјави дека неговиот клиент е невин. Тој тврди дека осомничениот не ги разбрал документите што ги потпишал поради ниска писменост.
Истрагата продолжува со дополнителни проверки и анализи.
