Во денешната објава на Фејсбук, Трајановски наведе и повеќе причини зошто смета дека проектот е неприфатлив.

– Проектот кој е замислен да се протега од Лисиче до Ѓорче Петров ќе го уништи средишното зеленило на булеварите „Видое Смилевски Бато“, „Јане Сандански“, „Кузман Јосифовски-Питу“, „Кочо Рацин“ и „Партизански одреди“. Патниците треба да поминуваат 3 ленти за да стигнат до автобуските постојка кои ќе бидат на средина на булеварите или при излегување од автобусот да го поминат булеварот, а не како сега директно од автобусот да се најдат на пешачка зона. Со ова за дупло се загрозува безбедноста. Покрај тоа, на секоја станица треба да има пешачки натпатници, што е многу скапо и патниците нема да ги користат, наведува Трајановски.

Тој додаде дека посебно ќе биде загрозена главната водоводна цевка со дијаметар од Ф 1.600 мм од која со вода се снабдуваат општините Сарај, Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Драчево, Зелениково и Студеничани е градена 1967-1968. Таа се наоѓа на 2 метри длабочина во средишната зона на булеварот Партизански одреди, така што и најмали осцилации може да имаат фатални последици.

Трајановски е категоричен дека времето на патувањето нема да се намали за двојно од сегашното, дека патниците нема да сакаат да го користат оти ќе има малку станици, а посебен проблем ќе биде што на трасата нема да сообраќаат други автобуси освен БРТ и дека е неиплатливо да се воведува таков систем во должина од само 12 километри.

– Доколку се сака забрзување на сообраќајот со истите финансиски средства би се изградила подземната сообраќајница од Влада до Комплекс банки која ќе го скрати патувањето за половина час и во автобускиот и во автомобилскиот превоз од Аеродром до Карпош т.е исток – запад и обратно. Втора рута за која се оставени проекти во градот е подземната сообраќајница позади „Рамстор“ со иновативни кружи текови на две нивоа која комплетно го решава проблемот со сообраќајот од насока од Карпош до Кисела Вода и Аеродром и обратно. Со изградба на подземните сообраќајници автомобилскиот сообраќај во централното градско подрачје би се намалил за најмалку 50 проценти, а со тоа се зголемува просторот за пешачки зони и велосипедски сообраќај, потенцира Трајановски.